Самостојна изложба насловена „Допирот на Африка“ на македонскиот фотограф Марин Димески е отворена во галеријата МЦ во Њујорк, пренесе МИА.
Изложени се 35 фотографии кои го изразуваат специфичниот однос на авторот кон овој далечен простор – една студиозна, комплексна и сентиментална приказна за суптилното видување на автентичната слика на живописните пејзажи, „волшебните“ ликови, колористичките игри, запрените кадри, содржани во компактните композиции који нудат една поинаква реалност.
Делот од серијата „Африка“ прикажан на оваа изложба е составен од две групи фотографии: во боја и црно-бели. Токму во оваа двојност се состои и суштинскиот контекст на ова претставување. Фотографиите во боја имаат само еден и единствен мотив – чистата природа, додека црно-белите фотографии за мотив го имаат човекот и населбата во која живее. Фотографиите на Димески нудат неколку дополнителни јазични елементи. Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецов.