Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на 11 мај (четврток) од 20 часот повикува на отворањето на изложбата ,, Експериментален цртеж 2023 “, која ќе биде поставена во галеријата на Уметничкиот центар „Арт Хаб“ во ГТЦ Скопје.
Во каталогот Д.Т.Радевска ќе напише:
„Денешнината повикува на современ крик, кој ќе биде слушнат, кој ќе биде виден, а низ таа современа духовност ќе повика на почитување на одамна заборавените вредности.
Кон негување на тој едноставен ракопис на цртежот, уметниците се поигруваат со техниката, таа е класична, но нуди безброј можности и современ третман. Можат да се направат чуда со потезите од неколку црти или мноштво црти, прави, криви, хармонични и контрастни. Линијата најбргу ја пренесува мислата, а мисловноста ја оформува идејата. Техниката се учи и совладува, но реализираната идеја во окото на посматрачот буди чувство на возбуда, чувство на припадност или пак бунтовност, чувство на задоволство, или пак чувство на спокојство.
Во цртежите на нашите селектирани уметници се чувствува класичниот приод на употреба на линијата и нејзина прецизна поставеност, нудејќи нарација, кај некои уметници се чувствува експресивен и динамичен потез кон композиција на романтичарското или фигуративното. Ритмичкото повторување на линијата и потезите, низ игра со линијата, низ апстрактна поставеност, некои нудат препознатлива композиција или потрага кон непознатото. Концептот во идејата на некои дела е читлив низ реалистичен приказ и третман на самата техника, а се во служба на поставената идеја. На цртачот му треба слобода, но ќе се запрашаме, колку уште треба да создадеме, за да се вратиме до она исконското, до онаа детска слобода каде раката е лесна и ја следи мислата.
Во ова издание на изложбата на ДЛУМ „Експериментален цртеж 2023“, без зададена тема, но со назначени пропозиции и димензии, уметниците цртежот го практикуваа во нивниот карактеристичен ракопис, внесувајќи експеримент и се чувствува освежување во третманот на техниката цртеж на хартија“.
На изложбата учествуваат:
Ана Ивановска, Ангелца Стоиљковиќ, Аница Китановска, Ацо Таневски, Валентина Илијевска, Вања Дуза, Виолета Чапоска, Гордана Вренцоска, Дејан Иванов-Маргуш, Ѓорѓи Динев, Златко Глигоров, Игњат Шќекиќ, Јана Јакимовска, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Кирил Гегоски, Кристина Пауновска Гиразова, Лусиана Ампева, Марија Светиева, Марија Трајановска, Марија Мицова Гацова, Марина Цветановска Мартиновска, Мила Добревска, Ненад Тонкин, Стефан Јакимовски, Стефан Младеновски, Слободан Милошевски, Слободан Живковски, Стефан Анчевски, Тања Таневска.