Во четврток, 22 февруари, во Младинскиот Културен Центар (МКЦ) во Скопје, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Joie de vivre“ на Калина Брајковска. Авторските дела кои ќе бидат прикажани на изложбата се изработени во неоекспресионистички стил, масло на платно.
„Во времето кое стои помеѓу нас и класичниот сликарски пристап, Калина е на границата помеѓу двата света, оној кој заминал и оној кој доаѓа. Нејзиниот гест е израз на контраста помеѓу сѐ околу нас. Сегментот на оваа изложба е полната колоритна линија која е пуштена на слобода, во потрага по нови форми на психологијата на виденото. Колоритот го нагласува карактерот и времето за себе, создавајќи форми на ослободени фигури. Сликата сама по себе носи симбол и знак кој означува различни типови на знаци сумирани во визуелен настан. Карактерот на сликата соодвествува на идеата дека уметницата е во потрага по мотиви во сопствениот естетски двор. Моја искрена препорака до публиката е да ја посетат оваа изложба и да погледнат убаво… има што да се види!“ – потенцираше Горјан Ѓорѓиев за авторката на оваа изложба.
Калина Брајковска е родена на 27.12.1979 година во Скопје. Дипломира на Филозофскиот Факултет на отсек историја на уметност со археологија. Работи и живее во Скопје, а со сликарство и применета уметност се занимава во целиот нејзин живот.