Изложба, книжевни промоции, музика и перформанс на шестото издание на фестивалот „АртАреа/Артерија“

Издавачката куќа „Бегемот“ го најавува шестото издание на фестивалот „АртАреа/ Артерија“, што ќе се одржи од 9 до 11 септември во кафе-книжарницата „Буква“.

Станува збор за мултимедијален фестивал што ја поттикнува и промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување.

„Фестивалот ја пресретнува јасната општествена потреба за формирање и одржување зони на пресек на различните културно-уметнички полиња. Според своите план и програма, фестивалот претставува тридневен комплекс од јавни културни настани, обединети околу културната интермедијалност, односно поврзувањето на различните уметнички јазици, медиуми и практики: книжевност, музика, изведбени уметности (театар, перформанс), визуелни уметности (фотографија, филм, илустрација, цртеж, плакат, анимација), ракотворство итн.“, најавуваат од „Бегемот“.

И оваа година, во три фестивалски денови ќе се вкрстат различни креативни медиуми. Ќе има изложба на фотографии, неколку книжевни промоции, дискусии, театарски перформанс, концерт, музика и дружење.

Целосната програма во продолжение:

(9–11 септември 2022)
Кафе-книжарница „Буква“

Изложба на фотографии: „Discrepancity“, Божин Трпевски

09.09

19:00 Промоција на романот „Естом“ од Николина Андова Шопова („Или-или“, 2022); промотор Владимир Јанковски

20:30 Промоција на книгата „Скопски улици“ од Васко Марковски („Бегемот“, 2022); промотор Ѓоко Здравески

21.30 Марсо ќе пушта музика

10.09

19:00 Панел дискусија (организатор издавачка куќа „Сказнувалка“)

Предизвикот на културолошкиот контекст во преведувањето книжевност за деца и млади
Положбата на книжевниот преведувач во македонското општество

Учесници: Милан Дамјаноски (модератор); Катерина Сотирова (книжевен преведувач); Александра Јуруковска (книжевен критичар); Искра Димковска (уредник)

20:30 Промоција на книгата „Илегален Парнас“ од Бојан Бабиќ („Бегемот“, 2021); промотор Иван Шопов, Бојан Бабиќ (автор)

21.30 Џез концерт – Букршлиев/Теодосиев/Мирческа

11.09

19:00 Дискусија: Редефинирање на (не)зависната театарска сцена

20:30 Промоција на книгата „Век со Конески, мигови со Блаже“ од Владимир Мартиновски („Бегемот“, 2022), промотор Душко Крстевски

21:30 Театарски перформанс – монодрама „Срам“ (aвторка и изведувачка: Ангела Стојановска)

Фестивалот се одржува со поддршка од Министерството за култура и кафе-книжарницата „Буква“, каде што ќе се одвива целата фестивалска програма.