Во Музејот на Македонија оваа сабота (16 декември) од 13 часот ќе биде отворена изложбата „Кодирање“ на Тома Димовски, во соработка со Партизанска штампа.
„Денес секој може било за која слика да направи код, а и самата вештачка интелигенција може сама да прави слики по кодови. Но што се случува со магијата која ја има гледањето на уметничките дела во живо? Дали дигитализацијата ја банализира уметноста или овозможува да биде подостапна? Дали дигитализацијата го избанализира животот воопшто, сведувајќи ги емоциите на кодови?“, вели Димовски.
Велимир Жерновски во кураторскиот текст кон „Кодирање“, вели дека неслучајно самиот наслов на овој текст наликува на почеток.
„На почеток на некоја промисла, некое писание кое треба да одгатне некаква вистина, некакво чувство за некого. За некој друг, за некој во трето лице, за некого кого би го познавал, кој би го коментирал, кој би го опеал или толкувал во кураторски текст. Текст кој би се обраќал на колегата, на уметникот кој претставува свое дело пред јавноста. Ова во никој случај не е таков текст. Ова по ниту едни стандарди не би посакал да биде таков текст. Невозможно е да се ставам во рамка од кој било аспект пишувајќи ги овие зборови, а да размислувам за Тома“, стои во текстот на Жерновски.
Инаку, изложбата е поддржана од Министерството за култура, во рамки на конкурсот за проекти од национален интерес во визуелната дејност.