На 26 септември (сабота) од 12 до 15 часот во паркот Ѓорѓе Петров ќе биде претставена изложба за ревитализирање на индустрискиот комплекс – Купрум, дел од проектот „Од напуштена фабрика до студентски град“.
Здруженијата „Културно Ехо“ и „Сити Скоп Скопје“ го реализираат овој проект со цел да се реактуелизира доставената иницијатива до Владата за ревитализација и пренамена на фабриката „Купрум” во студентски град на културата.
„Како еден од бројните изградени објекти од индустриско наследство во Република Северна Македонија, Купрум е појдовна точка во низата други, кој го има капацитетот да промовира интеркултурализам и кој претставува податлива подлога за формирање на социо – културни врски помеѓу неговите корисници.
Со негова пренамена во студентски град ќе придонесе кон децентрализирање на културно-образовната понуда надвор од централното градско подрачје и ќе биде дополнителен капацитет кој ќе може да одговори на културните потреби на градот“, соопштуваат здруженијата.
Со низа активности, велат тие, ќе го прикажат потенцијалот на оваа локација и можноста да прерасне во мултифункционален комплекс, кој би ги задоволил култоролошко – едукативните потреби на младите со интегрирање во современата општествена стварност, а воедно и би придонел кон регенерирање на урбаното ткиво на градот.
Изложбата е поделена во три дела. Првиот дел се состои од фотографии на денешната состојба на фабриката, реализирани од Кристијан Караџовски – „Културно Ехо“. Во вториот дел од изложбата се прикажани два магистерски труда за пренамена и адаптација на фабриката Купрум, од Наташа Вчкова и Мирјана Лозановска. А во третиот дел се изложени програмски анализи за можно сценарио на пренамена на Купрум во студенстски град, изработени од „Сити Скоп Скопје“.
Организаторите велат дека јавниот настан ќе се реализира согласно протоколот бр.33 за одржување на јавни настани во време на пандемија и ќе бидат почитувани сите препораки за заштита од Ковид 19.