Изложбата „Леб и сол“, на која ќе се претстават 12 македонски уметници, ќе биде отворена во четврток вечер во Palais Porcia во Виена. На изложбата насловена „Леб и сол (транзиција и пол)” се опфатени дванаесет различни аспекти на видување на транзициските и половите дискурси во македонското општество денес.
Генерациската разнородност на селектираните уметници, како и медиумскиот богат концентрат (од класичните слики и скулптури, па се до објекти, инсталации, фотографии, видеа, плакатски решенија) нудат една поопшта слика на актуелностите во македонската современа уметност во последната деценија.
Низ дванаесетте селектирани гледишта на Искра Димитрова, Ирена Паскали, Славица Јанешлиева, Зени Балаќи, Александар Спасоски. Мирослава Микица Трујкановиќ, Таби Азири, Дијана Богдановска, Осман Демири, Гоце Наневски, Велимир Жерновски и Филип Јовановски е акумулиран симулакрумот „Леб и сол (Транзиција и пол)”.
Куратор на изложбата е Ана Франговска, а ќе ја отворат Халиде Палоши, директор на Националната галерија на Македонија, Карин Цимер, од Министерството за образование, уметност и култура на Австрија и Ѓорѓи Филипов, амбасадор на РМ во Австрија.
Извор: Макфакс