Изложбата „Музеј на женски приказни“ проследена со разговор ќе биде отворена во Прилеп, во ликовниот салон на Центарот за култура „Марко Цепенков“, утре (1 октомври) во 19:00 часот.
Музеј на женски приказни е дел од проектот кој произлезе од идејата да се истражи, согледа и (ре)афирмира улогата на жената во општествено-политичкиот, социјалниот и семејниот контекст преку исчитување на културните значења, симболи, асоцијации, задскриени зад историските факти, од првата половина на 20-тиот век во Битола, Прилеп и Крушево со околијата на Пелагонискиот регион.
Ко-авторки на програмата на Музеј на женски приказни се Искра Гешоска, Христина Иваноска, Виолета Качакова и Биљана Тануровска-Ќулавковски.
По претставувањето во Битола, изложбата „Музеј на женски приказни“ продолжува во Прилеп. Во 20:00 часот ќе биде организиран разговор поврзан со темата на проектот на која ќе говорат Љупчо Печијарески, Рубин Белчески и ко-авторките на проектот.
Проектот „Културата во улога на територијален развој и социјална кохезија“ започна во 2014. Проектот е програмски развиен и имплементиран од Локомотива, Скопје во соработка со областа на заливот Мон Сен Мишел од регионот Долна Нормандија, Франција.
Целта на Музејот на женски приказни е да се откријат и деконструираат преку сублимни, социо-културни референтни напомени, историските факти позади кои постојат конкретни општествени односи и динамика, како и идеолошки и дискурзивен апаратус, и нивното учество и влијание во создавањето на културните значења и еманципацијата на жената од минатото до денес.
Со цел да се добијат релеватни информации и материјали за темата која се обработува, тимот на проектот во 2014/2015 година реалзираше истражување, кое се артикулира преку аудио-визуелна изложба, проследена со разговори и публикација.
Изложбата во Прилеп се организира во партнерство помеѓу Локомотива, Скопје и НУ ЦК Марко Цепенков.
Изложбата во НУ ЦК „Марко Цепенков“ ќе биде отворена до 13 октомври, по што ќе следи нејзино претставување во Историскиот музеј во Крушево, од 15 октомври.