Изложба на африкански ракотворби и фотографии во Музеј на С. Македонија

Во среда (30.10.2019) во Музеј на Северна Македонија за првпат се отвора изложбата „Африка во Македонија“, која на едно место ќе ја прикажува поврзаноста помеѓу Македонија и Африка од предисторијата до денес.

Ќе бидат презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу овие навидум далечни простори.

На изложбата исто така ќе бидат претставени повеќе африкански ракотворби и фотографии од личните колекции на Мирослав Масин, Роберт Смилески, Јасмина Никуљска, Петар Јовановски, Кристина Бицева, Билјана Јурукоски, Филип Кондовски и Скопскиот џез фестивал.

Автори на изложбата се доц. д-р Гоце Наумов (Музеј на Република Северна Македонија) и проф. д-р Никос Чаусидис (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“). Таа се реализира во соработка помеѓу Музеј на Република Северна Македонија и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Музеј на град Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола и Национална установа Стоби.

Изложбата ќе биде отворена во 20 часот во изложбените сали на музејот.