Во четврток (14 март) во галеријата „Метаноја“ ќе се отвори изложбата „Quo Vadis“ на академската сликарка Валентина Поцеска.
Отворањето на изложбата ќе започне во 19 часот, а ќе трае во текот на целиот месец.
„Во изложените дела на Поцеска доминираат три геометриски форми, триаголникот, кругот и квадратот. Според нејзиниот уметнички и духовен сензибилитет овие форми се „врската“ меѓу физичкото и духовното. Од една страна, тие претставуваат физички фигури врз кои се темелат основните архитектонски закони, а од друга страна, секој од нив е симбол за определена духовна димензија. Од христијанска толковна точка кругот е симбол на вечноста, триаголникот на Светата Троица, а квадратот на правдата и на вистината. Оваа интуитивна „теолошка“ беседа на Поцеска станува повпечатлива со не толку честото, но значително, вклучување и на фигурата на крстот – најважниот христијански симбол. Колажните апстракции на Поцеска се втемелени во катафатичките физички феномени и конципирани преку апофатичките метафизички идеи“, вели рецензентот Коста Милков за изложбата.
На изложбата ќе се обрати рецензентот Милков и директорката на „Метаноја“ Нада Милкова.
Поцеска е родена 1965 во Скопје. Во 1987 година дипломирала на ФЛУ во класата на Димитар Кондовски. Од 1992 работи во „Национален конзерваторски центар – Скопје“ во одделот за конзервација на икони.