Во Мала станица од 21 мај до 11 јуни ќе биде поставена изложбата на фотографии од Александар Кондев, насловена „Фото приказна: FRAUENKIRCHE – проект во процес“.
Според најавата, проектот ја потенцира документаристичката страна на фотографијата, но во случајов користејќи ја можноста за континуирано регистрирање на повеќегодишната обнова на катедралата FRAUENKIRCHE во Дрезден, целосно уништена за време на сојузничките бомбардирања на овој град во последните месеци на Втората светска војна.
„Наспроти тоа, на граѓанска иницијатива на жителите на Дрезден, во осумдесеттите години на минатиот век започнува постапната реконструкција на оваа катедрала, врз основа на зачуваните планови и (преку посебна постапка) нумерираните остатоци. Престојувајќи повеќе пати во Дрезден и инспириран од значењето но и работата на реконструкцијата на катедралата, Александар Кондев го осмислува „проектот во процес“ односно фотоприказната за реконструкцијата на FRAUENKIRCHE“, стои во најавата на изложбата.
Во неколку фото сесии, во распон од цели дваесет години (1998 – 2018) Кондев ја развива фото приказната за Frauenkirche, симболот на градот Дрезден.