Ликовната изложба „Гумено време“ на авторката Ана Ивановска ќе биде отворена во вторник, 15 април, во 19 часот во галеријата на Македонскиот културно информативен центар во Истанбул, Турција.
„‘Гумено време’ претставува визуелно истражување на глобалните настани и нивните последици врз индивидуалното и колективното искуство. Пандемијата, војните и тековните конфликти трајно го трансформираа секојдневието, создавајќи чувство на неизвесност – време што се развлекува и истегнува, како гума, без јасен исход“, вели Ивановска.
Делата овозможуваат непосредна интеракција со набљудувачот, отворајќи прашања за личната и општествената трансформација, а фокусот е ставен на внатрешната трансформација, различните ментални состојби, ситуации и чувства што произлегуваат од оваа нова реалност, додава авторката.
„Влијанието од глобалните случувања, неизбежно се рефлектираше во фотографиите кои содржат повторувачки елементи на маски и ракавици кои формираат вистинска решетка, позади која се наоѓа уста која останува ‘Без здив’. Тие се визуелна манифестација на стравот, безизлезната ситуација и ограничената слобода како бариера во општењето со светот и претставува еден вид релација на видливиот свет со невидливите опасности. Тоа се дела настанати преку истражување, експериментирање и комбинација на фотографија (фотомонтажа) и други материјали“, објаснува таа.
Низ изложбата, сепак, нагласува Ивановска, провејува нишка на надеж, повикувајќи нè да го негуваме чувството на задоволство и исполнетост преку пронаоѓање на сопствениот внатрешен мир – преку љубов, поврзаност и заедништво.
„Целта е да се поттикне поголема свесност за моментите што често остануваат незабележани, создавајќи нова перцепција за нашето опкружување. Овој стремеж произлегува од вечната човечка потреба за самоспознание и чувство на единство со универзумот“, вели уметницата.
Инаку, Ивановска досега реализирала 22 самостојни и над 150 групни изложби во Македонија и странство. Нејзината уметничка практика се базира на работа во различни медиуми и нивна комбинација: инсталација, објект, слика, скулптура, видео, перформанс, цртеж. Нејзините дела, пак, ја истражуваат врската меѓу природата, индивидуата и општеството, балансирајќи спротивности како микро и макро космос, живот и смрт, духовно и материјално.
„Преку имерзивни инсталации, таа го трансформира просторот и перцепцијата, повикувајќи на размислување за егзистенцијата“, пишува во нејзината биографија.