Утре (2 септември) од 20 часот во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата ќе биде отворена изложбата на цртежи „Хиперактивен агорафобик“ на Ертунч Сали.
„Алтер его (латински „другото јас“, „doppelgänger“) значи алтернативно свое, за кое се верува дека се разликува од нормалното или вистинското, оригинално, свое на една личност. Создавањето на своето алтер его бара пронаоѓање на своето друго јас, оној со различна личност. Различно значење на алтер его се наоѓа во книжевната анализа што се користи кога се однесува на фиктивната литература и другите наративни форми, опишувајќи клучен лик во приказната за кој се смета дека е намерно претставник на авторот (или творецот) на делото, со коси сличности, во смисла на психологија, однесување, говор или мисли, кои често се користат за да се пренесат мислите на авторот.” – вели Wikipedia на прашањето за алтер его. Со оваа дефиниција се олеснува нашиот обид за спознавање на авторот. Тој тврди дека приказната на изложбата е аспирација на неговите искрени мисли во конкретна ситуација. Скриени желби за отуѓување од општеството, гласни незадоволства од самотијата во гужвата, тивки вести на масата народ, но сепак со ентузијазам кон ситниците во барањето на среќата, тоа се мотиви во наративата на цртежите. Случките и карактерот на ликот, најчесто се дневни инспирации или моментални мисли на авторот“, стои во најавата за изложбата.
„Алтер егото на авторот има затворен карактер. Тој е хиперактивен агорофобик, кој секојдневието го поминува во неговиот дом, со неговиот најдобар другар, неговата капа. Неговиот страв од улица му е предизвик во барањето-создавањето други форми на забава. Најмалите детали му се сеир, најголемите случки од историјата му се игри, најчуените вести му се неми, најодвратните иновации му се копнеж. Сака да помага, но тој нема да излезе од дома. Во неговиот голем, но мал свет, тој нема да престане да ужива во својата глупост до дента кога храброста ќе го довлечка во надворешниот свет. Длабоко во него, тој знае дека соочувањето со стравот е растење. Авторот со оваа серија на цртежи ја обзнанува својата интровертна страна и со изложба посветена на неа, ја претставува пред Вас, пред публиката. Со повеќе од 60 цртежи, изработени во повеќе техники на рециклирана хартија, една приказна ќе биде раскажана. Приказна, која нема крај, нема да има крај. Крајот ќе дојде при соочувањето со стравот, но тоа е почеток на нова приказна, која нема крај, нема да има крај…“, се додава во најавата.
Ертунч Сали е роден 1990 година во Скопје, Македонија. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје како графичар и дизајнер. Професионално графички дизајнер, страстен уметник. Своето студио го отвори во Скопје заедно со колегите од факултет, потоа познат како колектив Кула. Неговиот најголем придонес за културната сцена во Скопје беше да биде еден од основачите на колективот Кула и да организира многу културни настани (концерти, изложби, настани за храна и сл.) во Скопје, како и свои изложби. Моментално работи во Скопје и продолжува со својот придонес на сцената. Сите негови дела може да се најдат на неговата официјална веб-страница: www.saliertunc.com
Изложбата е поддржана од Министерство за култура на РСМ, Општина Центар и Центар за современи уметности Скопје.