Изложба со дела од врвни полски и европски мајстори на уметноста на плакатот вечерва ќе биде отворена во Музеј на град Скопје, како дел од соработката со Полската Амбасада и Музејот во Варшава.
Ќе бидат изложени дела на врвните претставници на полската школа за плакат како Леница, Мајевски, Млодожењец, Старовјејски, Швиежи и Томашевски и други, творени од Првото светско биенале до денес.
Во рамки на изложбата, во наредните денови ќе се одржат работилници за изработка на плакат, а полската Амбасада ќе се вклучи целосно и во нововоспоставената „Годишна награда за плакат на Музејот на Град Скопје“.
Преку соработката со полската Влада добитниците на годишната награда за плакат на Музејот на град Скопје ќе добијат можност да посетат повеќе меѓународни изложби, вклучувајќи го и најголемиот Музеј на плакат во Варшава, во кој се собрани 55 000 дела од првото светско биенале на плакат до денес.