Црногорскиот уметник Петар Лубарда ќе се претстави со своја изложба во Скопје, во Музејот на современата уметност (МСУ). Таа ќе биде отворена на 1 март, среда со почеток во 20 часот.
Куратори на изложбата се Благоја Варошанец и Владимир Јанчевски, а како соработници се јавуваат и конзерваторите Љупчо Иљовски и Јадранка Милчовска. Изложбата за посетителите ќе биде отворена до 31 март 2023 година.
„Во годината кога се одбележуваат 60 години од скопскиот земјотрес, на изложбата ќе биде претставен сликарскиот опус на Петар Лубарда, уметник кој во октомври 1963 година, ги подарил сите 26 дела од неговата изложба во Ниш, подоцна изложени и во Скопје, со што тој станал, не само еден од првите, туку и меѓу најголемите дарители на МСУ – Скопје. Музејот во својата колекција има вкупно 52 дела, помеѓу кои, 40 слики во техника масло на платно и лесонит, два акварели и десет цртежи кои опфаќаат две и пол децении од кариерата на уметникот“, велат од музејот.
Од МСУ соопштуваат дека изложбата е организирана како резултат на заедничката соработка на министерствата за култура на Црна Гора и Македонија, амбасадата на Црна Гора и Музејот на современа уметност – Скопје со покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија.
Петар Лубарда (1907–1974) во меѓувоениот период студирал сликарство во Белград и Париз, а од 1932 година до неговата смрт во 1974 година живеел во Белград. Неговиот особено експресивен фигуративен стил, кој се граничи со асоцијативна апстракција, му донесе широко меѓународно признание, вклучително и една од трите меѓународни откупни награди за сликарство на Биеналето во Сао Пауло во 1953 година.
После подолго време пошироката јавност ќе има прилика да ги види сите дела на Лубарда од Колекцијата на МСУ-Скопје, заедно со архивски материјали, кои се однесуваат на неговите изложби и донациите.