Францускиот институт во Скопје ја најавува изложбата „Маси како уметнички слики: уметност, дизајн и традиционални творби“, чие отворање е овој петок, во 20 часот, во Музејот на современата уметност во Скопје.
Изложбата е дел од настанот „Франција, земја на дизајнот“. На изложбата ќе бидат поставени десет маси, во форма на уметнички слики, кои потсетуваат на различни оброци.
„Изложбата ги прикажува креациите на француските дизајнери кои работат за елитни призводители на кујнски прибор. Ќе бидат претставени дела од познати и потврдени, но и од млади француски дизајнери на современ кујнски прибор и прибор од кристал. Оваа изложба, којашто беше поставенa во повеќе земји низ светот и беше високо посетена, се реализира во соработка со Музејот на современата уметност во Скопје“, информираат организаторите.
Отворањето ќе се одвива во присуство на Антони Лебосе, реномиран француски дизајнер, директор на студиото 5.5 во Париз. Предвидено е, пред отворањето на изложбата, во 19 часот, тој да одржи предавање во просториите на Музејот на тема „Францускиот дизајн низ примерот на познато дизајнерско студио“.
Организаторите соопштуваат дека влезот на предавањето е отворен и за присутните е обезбеден превод.
Истиот ден, во 15 часот, во Јавна соба, ќе се одржи и професионална средба помеѓу Лебосе и македонските дизајнери.