Изложба на дел од дизајните изработени од уметникот Ладислав Цветковски за потребите на Кинотеката ќе биде отворена во нејзината галерија вечерва (26 декември) од 19 часот, со што ќе бидат одбележани 28 години од соработката на уметникот со оваа институција.
Дизајнер и визуелен уметник Цветковски, кој е и универзитетски професор, изработил дизајнерски решенија за повеќе од 150 печатени изданија на Кинотеката: плакати, филмски програми, брошури, каталози, други периодични изданија, книги, ДВД-изданија.
Изработил и печатени материјали за ИФФК „Браќа Манаки“, кога Кинотеката беше организатор на фестивалот, како и комплетното брендирање и осмислување на визуелниот идентитет на 70-тиот Конгрес на Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ) кој во организација на Кинотеката се одржа во Скопје во 2014 година.
„Речиси три децении постои и се одржува креативната соработка помеѓу Цветковски и оваа институција од културата – почнувајќи од третиот број на списанието за историја, теорија и и култура на филмот „Кинопис“ во 1991 година, па сè до 56-тото, последно издание на списанието во 2019 година“, соопшти Кинотеката за изложбата која ќе може да се посети до 15 јануари 2020.