Изложба на фотографии и промоција на фото книгата „Треперење“ на Боро Рудиќ

Изложбата „Треперење“ на фотографот Боро Рудиќ ќе се отвори на 3 декември, вторник, со почеток во 19 часот во галеријата на Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје. На настанот ќе биде промовирана и неговата најнова фото книга „Треперење“.

„Преку оваа изложба и фотографска књига, авторот истражува можност за редефинирање на перцепцијата на естетиката во однос на традиционалните норми. Природата е најчестиот мотив во фотографијата, често окована со одредени правила и табуа кои ја обликуваат нашата визуелна перцепција. Што се случува со нашата перцепција како набљудувачи (или фотографи) кога излегуваме надвор од зоната на удобност и ја гледаме природата на сосема поинаков начин?“, се вели во соопштението.

Како што пишува таму, изложбата има за цел да ги предизвика воспоставените визуелни концепти, поттикнувајќи ги гледачите да ја преиспитаат и да го реинтерпретираат она што го сметаат за естетско во природниот свет.

„Изложбата тежи кон ослободување од стандардните канони на убавина, овозможувајќи нов поглед на природата преку иновативни и неконвенционални техники на фотографирање. Преку овој проект, авторот се надева дека ќе се отвори дијалог за флексибилноста на естетските норми и ќе се поттикне креативно размислување надвор од традиционалните рамки“, стои во најавата.

„Треперење“ ќе биде отворена до 15 декември.

„Како оригинално истражување на границите на човечката перцепција и можностите на современата технологија во сферата на визуелните уметности, во кое е максимално нагласен и личниот стил на уметникот и неговите преференци во изборот на естетските конпоненти, изложба на Боро Рудиќ претствува крупен иновативен чекор во истражувачките техники во подрачјето на фотографија и возбудливо визуелно-естетско доживување“, вели филозофот Ферид Мухиќ за изложбата и фотокнигата.