Младата уметница и дизајнер Верица Стојановиќ, утре (20 февруари) во галеријата „КО-РА”, во домот на култура „Кочо Рацин” во Скопје ќе се претстави со својот најнов проект „I am free”, изложба на фотографии придружена со перформанс. Изложбата ќе биде отворена во 19:30, а перформансот ќе започне во 20:15 часот.
„Во општество каде секој секого цензурира и секој почнува да се автоцензурира, решавам своите емоции, затвореност, цензурираност и автоцензура да ги извадам на виделина. Решавам да дадам изјава, не надевајќи се дека тоа ќе промени нешто“, вели Стојановиќ за изложбата на која работела изминатата година, а поттикната од општествените проблеми.
Во обработката на оваа тема таа поаѓа од својата лична позиција, а тоа е позиција на уметник кој се наоѓа пред задачата да твори. Иако многу теоретичари сметале дека уметноста е поле каде човекот може да доживее потполна слобода, прашањето кое го поставува Верица е дали светот на уметноста му нуди на уметникот потполна слобода за изразување на сопствените ставови.
Преку фотографски приказ на седум уметници од различни области ги разгледува причините кои го тераат авторот да го ублажи својот говор или да прикрие одредени искази зад симболични претстави, двосмисленост која отсекогаш им помагала на уметниците да ги избегнат реперкусиите по својата положба. Стравот на Верица од друга страна произлегува и од можноста важните ставови да се изгубат во масата и да поминат незабележано.
Перформансот во реален простор и време ја материјализира истата идеја и ги надополнува концептот. Звукот е важен составен дел на перформансот, а го изработи Андреј Анчевски.
Верица Стојановиќ е родена во Скопје. Дипломира на Факултетот за арт и дизајн на Европскиот универзитет во Скопје, на насока графички дизајн. Таа има учествувано на повеќе групни изложби, а ова е нејзино прво претставување со самостојна изложба. Автор е на голем број проекти од областа на графичкиот дизајн и зема учество на повеќе натпревари во истата област. Своето фотографско искуство го стекнува од млади години преку работата со грчкиот фотограф Александрос Стаматиу, работејќи архитектурна и ентериерна фотографија.