Триесет црно-бели фотографии на хрватскиот фотограф Станко Абаџиќ ќе бидат изложени вечерва во „Рудиќ галерија“ со почеток во 19 часот. Фотографиите се направени во периодот од 2018 до 2021 година.
На отворањето ќе биде присутен и авторот, а заинтересираните ќе можат да купат фотографија или книгата „Актови“ (тврд повез, 176 страници). Изложбата ќе биде отворена до 12 ноември.
Станко Абаџиќ е роден во 1952 година во Вуковар. Дипломирал германистика и работел како дописник во „Вјесник“ од Вуковар.
Од 1995 до 2002 година престојувал во Чешка, каде што работел како слободен фотограф. Имал самостојни изложби во 16 европски земји, Аргентина, Јапонија, Америка и Русија. Неговите фотографии може да се најдат во бројни збирки во Европа, Хрватска и Америка.
Член е на Хрватското друштво на ликовни уметници (ХДЛУ) Загреб, Хрватскиот сојуз на самостојни уметници и на фото клубот Загреб. Живее и работи во Загреб.