На 21 март (четврток) во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложбата на фотографии од планинарот Бобан Китановски.
Настанот ќе започне во 20 часот во изложбениот салон „Империјал 2“.
„Ни претставува огромна чест и задоволство, на осумгодишнината од одржувањето на планинарскиот предизвик ‘12 Врвови’ на ПК Трансферзалец да ви претставиме 30 одбрани фотографии сликани од планинарот – Бобан Китановски, чиј објектив и фотоапарат редовно ги овековечуваат искачувањата, чекорите и уживањата на врвовите и планините во Македонија“, се посочува во најавата за изложбата.
На овој настан ќе биде претставено и второто подобрено издание на книгата „Планински врвови во Македонија“ од Марио Шаревски, која е збирка на податоци за 61 планински врв искачени во првото петолетие на предизвикот со додаток за Првата – Западна Македонска Трансверзала и бројни мапи од планинарските патеки.
Изложбата, како што е најавено ќе биде отворена со говор од претседателот на Федерацијата за планинарски спортови на Македонија Зоран Читкушев.