Изложба на фотографии од рокенролот и промоција на книгите на Тошо Филиповски вечер во Пробиштип

Во склоп на овогодишниот „Рудар Рок Фест“, вечерва во 19 часот во Домот на културата во Пробиштип ќе има изложба на фотографии од минатото на рокенролот во Македонија и промоција на книгите на Тошо Филиповски.

„Ќе имате можност преку фотографија да го почувствувате минатото на рок музиката кај нас. Ќе бидат изложени повеќе од триесет ретки фотографии од рок настани од шеесетите години па наваму“, посочуваат од фестивалот.

Во вториот дел, во делот на промоцијата на книгите на Филиповски, присутните ќе слушнат за идејата, самиот проект, предизвиците и целта на авторот за овие публикации.

Ќе бидат промовирани четири книги: Македонска Рок Енциклопедија, Македонска Дискографија – Винили, Македонски Рок-Времеплов, Мизар- Откровенија 1981-2021.

„Истовремено ќе разговараме и за неговата нова книга која во секој момент треба да биде издадена. Сите посетители можат да си купат некое од овие изданија со потпис на авторот“, соопштија од фестивалот.

Тошо Филиповски е еден од најистакнатите музички новинари кој ја следи и промовира рок културата во Македонија во последните триесетина година. Активен и пасиониран собирач на артефакти, изданија и информации за македонската рок- сцена.

„Со задоволство сакаме да истакнеме дека тој ја има идејата за создавање на рок-музај односно центар за истражување, архивирање и промовирање на македонската рок-музика.Повелете на еден забавно-едукативен час на 23 август, петок од 19 часот во Домот на културата во Пробиштип на еден забавно-едукативен час по рок музика!“, велат организаторите.