Во меморијалната куќа „Христо Узунов“ во Охрид од 5 до 7 јули ќе се одржи Изложба на фотографии од голем формат од најзначајните културно историски локалитети и други аспекти на културното наследство од Охрид и на територијата на Република Северна Македонија.
Основната цел на проектот, како што посочија организаторите е подобро запознавање и подигнување на јавната колективна свест за промоција, одржување и унапредување и афирмација на археолошките зони, културно историските споменици, религиозниоте објекти и сите други форми на културно наследство на нашата земја, кои се вистински сензации на изложбите во најголемите европски и културни центри.
„Со оваа изложба се афирмираат неколку непобитни историски факти значајни за Република Северна Македонија – Свети Климент на возвишението Плаошник над Охридското Езеро создал книжевна школа и универзитет со околу 4.000 посетители, исто како што македонските фрескосликари, во црквата во селото Курбиново, на брегот на Преспанското Езеро и во манстирот „Св. Пантелејмон“ во близина на Скопје, создале дела со кои, всушност, ја навестиле ренесансата. Она што е веќе откриено и заштитено во Стоби овозможува да се раскаже една цела оригинална приказна за објектите, вредностите и начинот на живеење во овој некогаш многу значаен град покрај Вардар и во средиштето на Балканот. Богатството на артефакти од Плаошник, Хераклеа и на уште голем број археолошки локалитети сведочат за густината на творечките вредности, култури и религии на оваа наша почва. Фреските, иконите, резбите и иконостасите од Бигорскиот манастир на прочуените протомајстори Макарие Фрчкоски, Димо Гарката, Дичо Зографот и плејадата нивни ученици и соработници во XIX век се сведоштва за нивниот раскошен, индивидуален авторски гениј“, се додава во најавата за настанот.
Изложбата е во реализација на „Медиа Броадцастинг“, a со подршка од Министерството за култура.