Во Националниот музеј на романската литература во Букурешт од 3 до 31 мај ќе биде поставена изложбата „Илустрации од македонската литература за деца (90-тите години на XX век)“.
На изложбата ќе можат да се погледнат илустрациите на Васко Ташковски, Душан Петричиќ, Михајло Писањук, Душан Петричиќ, Михајло Писањук, Бранислав Мојсиловиќ, Лилјана Манзаловиќ и други автори кои твореле во овој период, во рамките на тогашниот бастион на детската литература, книгоиздателството „Детска радост“, посочено е во најавата за настаот.
„Оваa изложба е прв дел од овој проект, каде се застапени уметници кои првично се соочиле со овој предизвик и уметници кои биле поканети да илустрираат кај нас од поранешните републики на некогашна Југославија“, вели Јане Теохаревски, еден од кураторите на изложбата.
Марика Теохаревска, која е исто така кураторка на изложбата посочи дека е среќна што музејот го прифатил овој проект, откако во земјава обидот, како што вели, не бил препознаен.
„Овој тип на музеј покрај постојаната поставка во резидентната зграда, има три депанданси каде што се одржуваат широк дијапазон литературни настани и ликовни изложби, а понекогаш поради нивната обемност, тие се одржуваат паралелно, и во ‘седиштето’ и во депандансите. Ни се виде досетлива нивната идеја уметноста да се презентира и во конзумерски мега-простор на денешнината, во мол. Така, оваа изложба ќе биде стационирана во нивниот официјален депанданс, ‘Букурешт мол’, најстариот во овој град. Изложбата е по повод 1 Јуни – Денот на детето што, и во Романија и кај нас се прославува на овој датум“, рече Теохаревска.
Изложбата е помогната од компанијата „Витаминка“ и од амбасадата на Северна Македонија во Букурешт.