Изложба на Јана Иванова по повод Светскиот ден на аутизмот

По повод Светскиот ден на свесноста за аутизмот, во Младинскиот центар „Матично” на 2 април од 12 часот ќе биде отворена изложба на цртежи на Јана Иванова, ученичка во IV oдделение при ООУ „Димитар Миладинов“ oд  Скопје.

Нејзината мајка Теа Иванова-Теохаревска, воедно и кураторот на изложбата, смета дека еден ваков настан ги истакнува воопшто уметничките тежнеења на децата во нашата земја, а конкретно, ја подигнува свеста за важноста на инклузијата и поддршка на лицата со спектарот на аутизам.

„Со помош на поддршката на семејството, мојата Јана сака преку цртачката дарба да докаже дека, и таа припаѓа на сите што ја опкружуваат и, на свој начин, сака да пренесе порака за емпатија и прифаќање на таквите деца во нашето општество. На нејзинате цртежи таа засега ги прикажува ликовите на нејзините херои, фигурите кои ги гледа во цртаните филмови, во долгометражните филмови или книгите и кои, ги чувствува како нејзини пријатели. Затоа, се оддлучивме ова нејзино прво ликовно претставување пред широката публика да ја наречеме токму „Моите херои”, изјави Иванова-Теохаревска.

Јане Теохаревски, комесарот на изложбата, вели дека талентот на неговата внука го уочил поодамна. Иако е млад репродуктивен уметник во вистинската смисла на зборот, вели тој, во одредени нејзини цртежи се забележува вметнување на формата на срцето.

„Јана знае очигледно што  значи љубов и, радосен сум што го прави тоа, наспроти мислењето дека децата со аутизам не знаат за одредени чувства… Нејзините ликови се популарните ликови на децата на нејзината возраст и не само тие, јас сум цврсто убеден дека, со текот на времето, нејзиното интересирање ќе го надмине тој свет и дека можеби на пример, пленеризмот ќе биде нејзина преокупација. Потегот на раката и` e извонреден, фигурите се нацртани непрекинато, во еден здив, без корекции… Затоа можеби во таа брзина го занемарува боењето но, со време, откривањето на нови техники ќе го надополни и тоа“, посочува Теохаревски.

Инаку, изложбата ќе биде отворена до 30 април, а може де биде посетена секој работен ден од 10 до 16 часот.