Во просториите на Abbaye aux Dames (Salle des Abbesses), Каен, Франција, денеска, со почеток од 18 часот, ќе се отвори изложбата „Набљудувања: Светлина“ на којашто ќе бидат претставени уметниците Христина Иваноска, Флор Хелуан, Јане Чаловски, а кураторка на изложбата е Елена Вељановска.
Според уметниците, изложбата приоѓа на една од основните теми во визуелната уметност: светлината и нејзината улога како активна компонента во уметничката креација и визуелната перцепција.
Делата во изложбата ги анализираат визуелните, хроматски вредности на светлината и трансформативната моќ на природната светлина и се обидуваат да ја исликаат темнината, нагласувајќи или менувајќи ги скулптуралните карактеристики на објектите.
Изложбата е иницирана од страна на Флор Хелуан, по нејзиниот истражувачки престој во Скопје во 2013 година.
Изложбата е дел од програмата на фестивалот Printemps Balkanique и е соработка помеѓу Македонија и регионот на Долна Нормандија, поддржана од регионот Долна Нормандија, Францускиот институт и Децентрализирана соработка Долна Нормандија-Македонија.