Во рамките на проектот „Проговори!“ – уметниците за човекови права и солидарност, авторот Мирослав Стојановиќ – Шуки, ќе се претстави со своја самостојна изложба и перформанс под наслов EMPATHY FOR THE DEAD во клубот Менада.
Изложбата ќе биде отворена во петок, 27 септември, со почеток во 20 часот.
„Проговори!“ е проект на уметниците во одбрана на човековите права и јакнење на јавната свест и солидарноста, кој го поддржаа голем број автори од различни области на уметноста. Имплементиран е од Цивил – Центар за слобода, а финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Мирослав Стојановиќ ѝ е познат на македонската јавност со своите оригинални и моќни дела во кои неговото гледање на човекот и светот отвора нови страници на човековото сфаќање за постоењето, за ништожноста и за внатрешната потрага по смислата.
Овојпат, на македонската културна сцена, Стојановиќ се појавува со свој длабок поглед во реалноста на светот. Светот, каков што го гледа и претставува авторот, е мрачен и раздробен, поделен меѓу демоните на грабежливоста и крволочноста.