Седум млади уметници од Македонија кои своите дипломи ги стекнаа на академиите за ликовни уметности во соседна Бугарија, ќе се претстават на изложба која ја организира софискиот Културно-информативниот центар на Македонија. Изложбата „Конекција II“ ќе биде отворена утре во 19 часот во Центарот за култура и уметност и галеријата „Таралеж” во бугарскиот град Велико Трново.
Ова е продолжение на „Конекција“, со која пред две години, во Македонскиот културен Центар во Софија се претставија студенти и магистранти од Р. Македонија кои студираа на Академиите за ликовни уметности во соседна Бугарија.
Овој пат свои дела ќе изложат ликовните уметници Зоран Мише и Павел Целкоски од Охрид, Зоран Георгиев од Гевгелија, Соња Димитрова и Иво Пецов од Виница, Горан Тричковски од Делчево и Иван Стоименов од Скопје. Нивните дела се изрбаотени во различни техники: од графики, акрил, масло на платно,скулптури, инсталации, творби од текстил.
Изложбата ќе ја отвори директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Васко Шутаров, а овој концепт на ликовни изложби ќе продолжи наесен и во други градови во Р. Бугарија.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Р. Македонија.