Околу 1.500 книги во рамки на изложбата „Новата научна литература од Русија“ ќе бидат изложени од денеска до 25 април во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Изложбата ја организира Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во соработка со Руската академија на науките, претставништво за Бугарија и Источна Европа, а ќе ја отвори амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Олег Шчербак.
Ќе бидат претставени книги од повеќе области: класични и општествени науки, природни науки и математика, правни науки и литература, економски и филолошки науки, информатичка литература и слично.
Како што се наведува во соопштението од Универзитетот, оваа научна литература е од голем интерес за членовите на академската заедница на УКИМ кои континуирано го следат развојот на научната мисла во светот. Посетителите ќе можат да ги разгледаат книгите во терминот од 8 до 16 часот.