На 20 октомври од 12 до 22 часот, во Домот на културата во Ѓорче Петров ќе биде поставена изложба на керамики, цртежи и графики на познатиот сликар Пабло Пикасо од колекцијата на ОСТЕН Музејот на цртеж.
Организаторите појаснуваат дека во колекцијата на ОСТЕН се наоѓаат 83 оригинални дела на Пикасо од кои 8 цртежи, 26 керамики и други рачно потпишани графики, односно дека дел од нив ќе бидат изложени во Домот на културата.
„Покрај неприкосновената вредност на делата од легендата во уметноста на 20 век – Пабло Пикасо, оваа изложба е од исклучително значење и затоа што се организира по втор пат во Скопје. Единствена изложба на дела од Пикасо од колекцијата на ОСТЕН претходно е организирана во Галерија ОСТЕН во 2011 г“, се додава во соопштението.
Влезот на изложбата е бесплатен.