Петнаесет изданија на „Дневникот на Ана Франк“ објавени во периодот од 1957 до 2020 година кои се објавени на повеќе јазици, ќе бидат изложени во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија со цел одбележување на „Кристалната ноќ“.
Во организација на Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија, изложбата се отвори за јавноста денес напладе, а поставката ќе биде отворена за посетителите до 20 ноември. Организаторите посочуваат дека изложените изданија на дневникот се збирка од фондот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“.
Кристална ноќ или Ноќ на скршеното стакло се случила на 7 ноември 1938 година кога 17-годишниот Хершел Гринспан влегол во германската амбасада во Париз и со пет истрели го убил дипломатот Ернст вом Рат. Ова било причина за на 9 ноември паравоените нацистички единици и цивили во Германија да ја спроведат Кристалната ноќ, во која биле убиени 91 Евреин, а над 30.000 биле уапсени и затворени во концентрациони логори.
Освен човечките жртви, за време на Кристалната ноќ биле уништени 1.574 синагоги во Германија, над 7.000 еврејски гробови, 29 стоковни куќи во сопственост на Евреи, илјадници еврејски домови. Се кршеле прозорци, се краделе имотите, се уништувале молитвени книги и свети предмети, се палеле книги од автори Евреи.