Почнувајќи од утре (18 мај), во фоајето на Македонската опера и балет, во склоп на Мајските оперски вечери, младиот скулптор Александар Ефтимовски ќе претстави дел од своите авторски скулптури во камен.
„Александар Ефтимовски го созрева својот оригинален јазик, кој се потпира на една хармонија помеѓу форми и чувства, синтетизиран во минималистички и елегантни дела. Неговите дела се многу синтетизирани во овални форми, волуменозни и перфорирани.“ – Пјер Џорџо Балоки, професор по скулптура на Академијата за ликовни уметности во Карара.
Александар Ефтимовски е роден во Скопје на 11 април 1988.
Дипломира на Академијата за ликовни уметности во Фиренца, на скулптура и визуелна уметност. Магистрира на Aкадемијата за ликовни уметности во Карара и се посветува на обработка на камен. За време на своите студии, учествува во многу групни изложби, а неговата прва самостојна изложба наречена „Mo(nu)mental Ideas“ се оддржа во Љубљана, Словенија. Добитник е на награда на Биенале во Сан Николо, Италија и добитник е на повеќе стипендии, награди и признанија. Денес работи и твори во студиото на Академик Боро Митриќески.