На конкурсот „Преку уметност до родова еднаквост“ на тема „Кое е твоето чудо?!“ организиран од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) и Мрежата Стела, пристигнале значаен број стрипови кои се во трка за престижни награди. Изложбата на пристигнатите дела ќе се одржи на 18 октомври со почеток во 11 часот во Центар Јадро. Во рамки на изложбата ќе бидат прогласени победниците и ќе се доделат сертификати и дипломи на сите учесници.
„Овој конкурс има за цел да ги прикаже различните аспекти на борбата за родова еднаквост преку уметност. Стриповите кои пристигнаа имаат мисија да поттикнат дискусии, да ги разбијат родовите стереотипи и да инспирираат промени кон поправедно и инклузивно општество. Без разлика дали се работи за лични приказни, општествени размислувања или имагинативни наративи, учесниците ги изразуваат своите уникатни перспективи и искуства“, велат организаторите.
Вкупниот награден фонд за конкурсот изнесува 85 илјади денари. Жирито кое ги оценуваше стриповите е составено од Оливер Андреевски и Теодора Милеска од НМСМ и Стела, Мајк МекКлестер, британски професор по англиски јазик и стрип-уметник, Нада Прља, професионална уметница и универзитетска предавачка од областа на уметноста.
Конкурсот е дел од проектот „Еднакви можности за девојчиња и млади жени во Северна Македонија“, кој се реализира од НМСМ и Мрежата Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје. Проектот е посветен на рушење на бариерите и стереотипите, со цел отворање нови можности за девојчињата и младите жени во нашето општество.