Вечерва во холот на Кинотека, со почеток во 20 часот ќе биде отворена самостојната изложба на Виктор Соколовски. На неа ќе биде претставена колекција од театарската фотографија.
Вљубеник во фотографијата и театарот, Соколовски создаде циклус фотографии инспирирани од одреден број селектирани претстави кои претставуваат документ протолкуван од личен агол, со примена на одделни формално-естетски финеси и карактеристики што им обезбедуваат специфичен придонес во доменот на театарската фотографија.
Тој е магистар по геодезија и џез зависник. Фотографира од љубов. Од 2007 година е ангажиран како фотограф-дописник за порталот за култура SEECULT со седиште во Белград (www.seecult.org).
Првата самостојна изложба ја има во Скопје, 2007 година во винотеката Темов, каде изложува 200 фотографии, претежно портрети од музичари и гости направени за време на „живите свирки“ во винотеката. После тоа, следуваат две самостојни изложби во Франција (Каен и Ифс) со колекција фотографии од „Старата скопска чаршија“.
Во рамките на програмата „Македонија без дискриминација“ освојува специјална награда на жирито за „најдобра фото-приказна за 2009 година“ на тема „еднакви можности и (НЕ) дискриминација“.
2011 година во рамките на МОТ (Младински отворен театар-Скопје) се претставува со изложбата „Три“ со фотографии од три претстави одиграни на три различни сцени во иста ноќ, на програмата на МОТ 2010 година. Истата колекција, на покана од организаторот следната година е претставена во Гевгелија, во програмата на „Бош“ фестивалот.
2021 година учествува на манифестацијата Денови на македонска фотографија во организација на Фото-сојузот на Македонија, каде освојува трета награда за колекцијата со наслов „Генеза“.
Со шестата самостојна изложба во Кинотека на Република С. Македонија, се претставува со фотографии направени на разни театарски сцени во периодот после 2011 година. Овде повторно се навраќа на неодоливиот феномен на театарот, не како театарски фотограф, туку како гледач-фотограф кој ја владее сцената и моментумот со сета слобода на спектарот, притоа, ограничен со едностраноста на видикот од седиштето, од партер или балкон.