Вечерва (28 мај), со почеток од 20 часот, во ликовните салони на Музеј Галерија Кавадарци ќе биде отворена заедничка изложба на тројца млади, но веќе етаблирани ликовни уметници на кавадаречката и македонската ликовна сцена. Со дела од нивните последни работни циклуси пред кавадаречката ликовна јавнoст ќе се претстават Горан Боев, Ива Јосифова и Трајче Јованов – сите од Кавадарци. Делата со кои се претставуваат за првпат се појавуваат пред јавноста.
Горан Боев (1982) дипломирал на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, одсек сликарство во класата на Благоја Маневски, а магистрира на истиот факултет под менторство на Симон Шемов.
Член е на ДЛУМ и на ДЛУК. Зад него има повеќе самостојни изложби и учества на Меѓународни ликовни колонии,како и на групни изложби во Македонија и странство.
На изложбата се претставува со повеќе оригинални акварели инспирирани од урбаните пејсажи на Париз и Милано, каде имаше повеќемесечен студиски престој.
Ива Јосифова (1980) дипломирала на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, одсек сликарство со рачно правена хартија во класата на Симон Шемов. И зад неа има повеќе самостојни изложби, дел и во странство, како и учества на бројни Меѓународни ликовни колонии. Актуелен Претседател е на Друштвото на ликовни уметници Кавадарци (ДЛУК). Член е на ДЛУМ.
На изложбата се претставува со оригинално одработени теми од екологијата на рачно изработена хартија, а кои се дел од циклусот “Мирисот и душата на дрвото“ и преку нив природата ја внесува во галерискиот простор.
Трајче Јованов (1990) иако најмлад од тројцата автори, веќе сигурно чекори на ликовната сцена, особено преку соработката со најдобрите и најпознатите кавадаречки ликовни уметници. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности- Скопјеодсек графика со модул конзерватор и реставратор во класата на Димитар Малиданов.
Член е на ДЛУК, на Уметничката група “Сокол Арт“, како и ликовен координатор на активностите на Здружението за алтернативна култура “Алтер Центар“. Учествувал на повеќе меѓународни ликовни колонии и групни изложби во Македонија.
Кон крајот на оваа година се очекува неговата прва самостојна изложба, а на изложбата се претставува со оригинални графики и цртежи, од циклусот кој започна со неговото дипломирање во 2013 година.