Двaесетина фотографии ќе бидат изложени вечер во кумановскиот Центар за култура „Трајко Прокопиев“ на изложбата на дела од меѓународната фотографска колонијата која се одржува во Старо Нагоричане.
Љубителите на уметничката фотографија ќе имаат можност да разгледаат фотографии од Старо Нагоричане, изработени од десетина автори од четири држави. На фото колонијата која се одржува по втор пат, минатото лето учествуваа десет фотографи од Македонија, Бугарија, Србија и Босна и Херцеговина. Селекторот Душан Доцевски избра дваесетина фотографии кои ќе бидат презентирани пред кумановската јавност.
„Ги повикувам сите љубители на фотографијата да дојдат на отворањето на изложбата и да видат кои детали ги обработуваат фотографите. Учесниците работеле на слободна тема, а можат да се видат знаменитости, природни реткости и интересни места од Старо Нагоричане“, истакна директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, Роберт Цветковски.
На колонијата учествувале авторите Бранислав Бркиќ, Зоран Пургер, Небојша Есперо Станковиќ, Радое Елез, Цончо Балканџиев, Јулиј Јулиев, Цветан Гавровски, Дејан Колевски , Душан Доцевски и Дарко Доцевски.