Изложба „Неизвесен исход на мадлен и липов чај“ во „Буква“

„Буква“ утре (30 март) од 20 часот повикува на изложба на цртежи, графики и промоција на арт книга во сито печат чиј автор е Уна, издавач Партизанска Штампа, а гуратор Ана Трајковска.

Воведот e на Елена Ристовска, додека за музичката програма ќе биде задолжен Александар Сандревски – Марсо.

Достапни ќе бидат и уникатни торби, брошеви и стикери по промотивни цени.

Инспирирано од Прустовиот „мадлен“, кој води во „потрага по изгубеното време“, Уна прикажува синестетички доживувања во период од 5 години, кои си претходат и се инспирираат едни од други. Претставени како обвивки, поделени се на три серии.

Ова искуство започнува во 2017 г., кога доживувањата се сè уште сирови, искажани врз листовите од тетратка без линии, купена од најблискиот маркет.

Во втората серија, „неизвесниот исход на мадлен и липов чај“ доаѓа до израз. Станува збор за доживувања од 2020 г., чија директна инспирација, покрај пандемијата, се токму цртежи од 2017 г. Во овој продуктивен карантиски период, цртежите под насловот „Реално, брат“ прикажуваат своевидно соочување со сите човекови несовршености, па оттаму и се провлекува мотивот „потрага по нови аспекти од себе“ низ сите останати цртежи.

Ова искуство завршува во 2021-2022 г., кога една случајна средба со сите досега нацртани хартии раѓа поинакви, поведри емоции и доживувања. Последните неколку цртежи ќе бидат и темел на наредната потрага по некои нови аспекти на себе.


„Наеднаш, ми се јави споменот. Тој вкус доаѓаше од парченце мадлен, натопено во липов чај, со кое во Комбра, в недела наутро (зашто тој ден не излегував од дома пред да појдеме на миса), ќе ме послужеше тетка Леони, кога одев во нејзината соба да и пожелам добар ден….

Од тие спомени, толку одамна оставени надвор од сеќавањето, ништо не преживеало, сè се распаднало; формите – па и оваа на слаткарската школкичка, толку раскошно сладострасна под своите строги и набожни брчки – беа поништени, задремани, ја беа загубиле моќта да растат, што ќе им дозволеше да досегнат до свеста.

Но, кога од едно дамнешно минато, по смртта на луѓето, по распаѓањето на предметите, нема да преживее ништо, уште долго време остануваат, како души, само миризбата и вкусот, понежни но пожилави, понематеријални, поупорни, поверни, за да потсетуваат, да чекаат, да се надеваат врз урнатините на сè друго, за да го носат огромното здание на спомените.

А откако го препознав вкусот на парчето мадлен натопено во чај од липа што ми го даваше тетка ми …“

Марсел Пруст, „Во потрага по загубеното време“, т. 1