Во галерискиот простор во зградата на „НЛБ Тутунска банка“ вечер ќе биде отворена изложба на слики, главно во техника масло на платно, од младиот уметник Гоце Илиевски.
Ќе бидат презентирани дела на две теми – ноќни сцени од скопските улици и движење на автомобилите и апстрактни дела кои се резултат од истражувањето во урбаните сцени и сферите на енергијата.
– Во двете тематики е идејата за енегријата која е длабоко зад видливито, но која е далеку помоќна и бесконечна, во однос на конечниот видлив свет. Апстрактните дела се плод на истражување и инспирација од бесконечниот космос околу нас и бескрајната длабочина во нас, нашата потсвест и нашата душа. Таа енергија која е длабоко зад видливите нешта може да се забележи и во делата инспирирани од урбаните ноќни сцени – соопшти организаторот.
Гоце Илиевски (Скопје, 1988) дипломирал сликарство со насока конзервација на Факултетот за ликовни уметности, во класата на Жанета Вангели. Има реализирано осум самостојни и повеќе групни изложби.