Изложбата „Париски сигнатури“ ќе биде отворена во галеријата „Акантус“, на 16 март. На неа ќе се претстават избор на дела на десет македонски сликари, реализирани по нивниот престој во Франција и во Уметничката резиденција во Париз.
Изложбата се организира во соработка со галеријата „Акантус“ по повод прославата на Франкофонијата во Македонија и во рамките на одбележувањето на 25 години од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу двете земји.
„Поводот за оваа изложба, сам по себе е значаен и нуди можност да се обѕирнеме кон минатото кое ќе нѐ доведе до сегашноста и ќе понуди еден пресек или синтеза на значајни ликовни ракописи со автохтона ликовна исказност. Поставката на изложбата е составена од веќе одржани или тековни уметнички настани на македонските уметници, кои ни даваат можност за миг да ја почувствуваме и апсорбираме париската атмосфера, преку оптичката перцепција која се случила и повторно нѐ враќа во трезорот на културните богатства на различности и на дијалог со Франција која е доживеана како сопствен мит. Духот на Париз е пренесен во јавноста преку делата на уметниците кои не познаваат граници и кои го врежале своето богатство на неповторливост во времето и просторот“, вели сликарката Марина Лешкова.
„Многу ме радува оваа изложба. Таа нè потсетува дека пријателските врски помеѓу нашите две земји почиваат врз долга традиција каде што културната и уметничката размена зазема значајно место“, споделува Емануел Рембер.
Влезот е слободен.