Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“ во с. Слоештица, Демир Хисар во чест на завршувањето на 20. меѓународна уметничка колонија ќе организира отворена изложба за сите љубители на уметност што сакаат да ги запознаат уметниците и да ги видат нивните дела.
„Фокусот на колонијата годинава е во знакот на уметноста и природата односно, како уметноста може да ја промовира природата којашто сама по себе е најсовршениот уметник. Преку творечки дијалог и со иновативни уметнички реализации во различни медиуми, од коишто дел се инспирирани од локалната традиција, уметниците создадоа дела што предизвикуваат восхит“, се вели во најавата за претстојната изложба.
Колонијата под мотото „Веруваме во уметноста и природата“ започна да се одржува на 18 јуни и ќе трае до 3 јули. На креативното гумно во селото Слоештица престојуваат и творат 6 уметници од земјава и од странство: Памела Тол од САД, Беате Куне од Германија и Синиша Новески, Јасмина Главинче, Владимир Симоновски и Сандра Котевска од Македонија.