Фотографии, инсталации и видеопроекција се дел од изложбата „Сеќавања“ на уметникот Бурим Муфтиу. Изложбата ќе биде отворена на 11 ноември во Чифте амам, со почеток од 19 часот.
Во фокус на концептуалниот проект, манекенот е главниот лик, кој преку фотографиите, инсталациите и видеопроекцијата ги носи луѓето во едно друго време, војната на Косово
„Војна која носи големи разорувања, страдање, уривање објекти и продавници, како и земање човечки животи. Манекените за Бурим Муфтиу имаат двојна или тројна улога, тој се обидува преку овие фотографии да им даде нова задача на моделите, друга функција вградена во еден концепт“, објаснуваат од Националната галерија.
Оттаму нагласуваат дека на манекените облеката им е речиси невидлива, како да се обидуваат да ја прикријат и да ја маскираат својата душевна состојба, спомените и сите тие ужасни искуства од минатото.
Моделите снимени од Бурим Мифтиу веќе не ја рекламираат облеката, туку со изразите на лицата, со скршени екстремитети, необичен нос и очи, прифаќаат сторија, разочарување и ужас. Кај инсталациите во кои манекенот е претставен во форма на кукла, тематиката е иста како и кај фотографијата – болката и разочарувањето од стварноста се примарни.
Од Националната галерија велат дека Муфтиу преку своите дела го осудува насилството, бидејќи ниедно насилство во светот нема оправдување, туку само изговори.
Авторот преку фотографиите, инсталации и видеопроекција отворено зборува за негирањето на геноцидот и за негирањето на човечките страдања и трагедии.