Изложба „Скопје од пред 8 милениуми – занаетчии и земјоделци од Говрлево“

Четвртата изложба поврзана со неолитскиот локалитет Церје во Говрлево, со наслов „Скопје пред 8 милениуми: Занаетчии и земјоделци од Церје – Говрлево“, за јавноста ќе биде отворена денес напладне. Изложбата е претставена во Музејот на Град Скопје, а ќе бидат изложени дострели во материјалната култура на неолитскиот човек пред 8 и 7 милениуми.

„За разлика од претходните три изложби во кои беа изложени достигнувањата на заедниците од локалитетот во архитектурата и недвижните објекти, во производството на разновидните керамички садови, како и керамичките и различни модели на куќи, жртвеници и фигурини, во оваа, последна изложба, ќе биде претставена материјалната култура поврзана со економијата, еден дел од симболичките предмети, како и предмети чијашто намена е непозната, сите изработени од различни суровини: камен, керамика, животинска коска, школка, заб“, објаснуваат од Музејот.

Оттаму додаваат дека рамките на изложбата ќе биде претставено и изданието поврзано со неа, во кое се вклучени повеќе текстови од различни автори, посебно подготвени за оваа прилика.

Изложбата ќе се одржи во согласност со здравствените протоколи за заштита од Ковид-19.