Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ во соработка со бар „Нагоре“, како дел од проектот „Ѕид на уметноста“, на 18 март (сабота) од 21 часот ќе ја реализира третата изложба насловена „Улицата Волт Дизни“ на Марија Трпеска.
Како што вели организаторот, улицата „Волт Дизни” постои во единствената ромска општина Шуто Оризари, а од таму и мотивите и темата за оваа изложба на Марија Трпеска. Цртежите се работени под влијание на силниот наратив што го содржи ромската култура, уметност и начин на живеење.
„Работам во средно училиште како наставник по ликовна уметност во Шуто Оризари. Сакав цртежите да бидат бајковити, како што се дизниевите анимирани филмови, тоа е чувството што го имам кога го поминувам времето со децата и наставниците кога сум во училиштето; затоа што ми се менува општото чувство за време/простор, како да се дематеријализира сè околу и постои само сегашниот миг“, вели Марија Трпеска за оваа изложба.
Организаторот на изложбата посочува дека оваа реална магика, приказна реалност, несекојдневна и случајна мистичност е навистина како живот во друга димензија.
„Сцените кои Марија Трпеска ги има доловено во нејзиниот циклус ‘Улицата Волт Дизни’ ве пренесуваат во надреална, наивистичка симболика, во која кадрите кои се презентирани се развиваат праволиниски и се претопуваат во уникатните чувства и состојба на духот во кој коегзистираат боите, амбиентот, самиот карактер на општина Шуто Оризари. Во овие цртежи ќе го препознаеме социо-емоционалниот и когнитивен аспект на заедницата, а преку детскиот пристап се навестуваат променливите расположенија во атмосферата. Затоа што пред зборот била скицата или цртежот, така и Трпеска не се обидува да внесе премногу детали во своите композиции и остава на посматрачот во просторната магловитост сам да ја инкорпорира својата имагинација“, стои во најавата за изложбата.
Понатаму, во најавата пишува дека боите и текстурите се симплифицирани, линиите сведени на минималистичност и естетски исчистени од хиперреалистичност, со што можеби оваа серија само навестува една нова серија во која сите субјекти и објекти ќе продолжат да се прочистуваат и да ја пренесат кристализираната слика.
„Овие цртежи се своевиден прозорец кон еден непознат свет, поглед кон домовината на една етничка група на која треба да и се даде признание и афирмација во современ контекст. Аспектите, аглите и елементите кои Марија Трпеска успешно ги доловува го анимираат посматрачот и визуелно комуницираат на повеќе нивоа. Тие ги пренесуваат навиките на ‘малиот човек’, неговиот хабитус, неговите желби и стремеж, а јазикот на едноставноста на овие цртежи може да биде толкуван од сите генерации, независно дали се говори за либералното, слободарско око на едно дете или пак истенчениот вкус и вреднување на познавач на уметноста“, се вели во најавата.
Токму таа уникатност во пристапот, вели организаторот, во цртежите од серијата „Улицата Волт Дизни“ на Марија Трпеска е децентрализирачка, обединувачка, приемчива. Љубопитноста за отворената можност да се запознае култура која ни е толку блиска, а толку далечна.
„Има тајна возбуда во оваа серија на цртежи, жед за откривање на непознатото, а внатрешниот свет на Марија Трпеска веќе станува надворешен и поблизок до околината. Овој нов и експериментален проект ја зајакнува културната размена на искуства и е иновативен во самата иницијација и суштина“, пишува во најавата.
Инаку, Марија Трпеска е родена во 1989 година во Скопје, Македонија. Дипломирала во 2017 година на Факултетот за ликовни уметности – Скопје, насока ликовна педагогија, модул сликарство. Нејзиниот главен ликовен фокус е цртежот, но истражува и со фотографијата и видео уметноста. Живее и работи во Скопје.
Нејзината уметничка работа се одликува со обработување на социјални теми, ликовни проекти кои се однесуваат на личности или групи на луѓе кои на некаков начин се поврзани со уметноста, а истовремено се маргинализирани од општеството. Работејќи со нив, преку нејзините дела им дава значење потенцирајки ја нивната уникатност, важност и улога како во општеството така и во нејзиниот креативен процес и себеидентификување како ликовен автор.
Учествувала на 10 групни изложби во Македонија и надвор, а „Free entry“ е нејзината прва самостојна изложба која досега пред публика е претставена три пати.