Вечерва во 20:00 часот во Мала станица ќе биде отворена групната изложба „Уметноста на неуспехот: Афективни странци“ во организација и продукција на Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.
Куратор на изложбата ќе биде Славчо Димитров, уметници кои ќе се претстават се Велимир Жерновски, Христина Иваноска, Ѓорѓе Јовановиќ, Нада Прља, Јане Чаловски, Неда Фирфова, додека дизајнот на постерот е на Неда Фирфова.
„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ претставува групна изложба која ангажира дел од најзначајните македонски современи уметници, а со цел да ги истражат, проблематизираат и преосмислат потенцијалите за продукција на алтернативни и нехегемонски социјални и културни светови. Тргнувајќи од претпоставката дека уметноста претставува праксис преку кој се генерираат алтернативни, ненормативни, очудени и иновативни модели на дистрибуција на сензибилното (Жак Рансијер), односно интервенција и трансформација на доминантните културни модели преку кои се санкционира и регулира перцепцијата, чувствувањето, мислењето и делувањето на/во заедничкиот свет, изложбата стреми кон ангажирање на ваквиот потенцијал на уметноста, а со цел да се понудат трансформирачки и субверзивни организации на заедничкиот, споделен свет.
Неуспехот, искуството на срамот (како конститутивно за идентитетската позиција и себе-доживување на малцинските субјекти), и негативните и ’парализирачки’ емоции (анксиозност, меланхолија, оплакување, депресија, страв итн.) се предмет на анализа од различни позиции на секој од уметниците вклучени во изложбата, и материјал за трансфигурација и трансформација преку перформативно генерирање на позиции на отпор против хегемониските модели на општеството, од една страна, и индикатори за структурните ефекти на социјалната нееднаквост и насилството врз интимните, отелотворени и афективни искуства на родово и сексуално ненормативните малцинства.
Емоционалните искуства на сите оние тела социјално маркирани како настрани, изопачени, девијантни, изроди, ненормативни, па дури и ненормални, или како квир (во рамки на англо-американската терминологија и политичко искуство), искуства кои се исцртуваат на маргините на нормативниот социјален простор како маркери на неуспехот да се отелотвори родовата и сексуалната норма, или пак нормата за достоиствен, легитимен, и вреден живот во рамки на капиталистичка хиерархиска скала и националната имагинација, во рамки на изложбата се промислуваат и истражуваат како можност за креација на алтернативни линии на живот, нови форми на социјалност и сродство, пријателства и модели на интимност и љубов.
Губењето во неуспехот, одовде, станува место за колективна пракса на отпор со која се отфрла и се одбива здраворазумското прифаќање на доминантната логика на успехот, како ефект на моќ и дисциплина, односно на хегемониските императиви и норми кои дефинираат што се вреднува како животен успех, и кој се вреднува како признаено човечко битие врз основа на овие норми.
Проживеаните и неподносливо болни инскрипции на моќта врз телата на малцинските субјекти, кои се исчитуваат во непрепознаените и невидливи секојдневни искуства на траума, и го исцртуваат затворениот и повлечен интимен простор на меланхолијата и депресијата, односно „бездната што тагата ја создава, на неискажливата болка која понекогаш, а често долготрајно, не обзема се додека не го загубиме целокупниот интерес за зборовите, дејствувањеата, па дури и за самиот живот“ (Кристева), во рамки на изложбата се анализираат надвор од приватизирачките, психологизирачки и патологизирачки рамки, односно се истражуваат како ефект на нееднакви социјални релации и односи на моќ, дискриминација и исклучување.
Заглавеноста, застојот, парализата, недејствителноста, одбивањето на партиципација во секојдневниот тек на нормативната јавност, лепливоста на минатото како загуба, назадната приврзаноста за отсутните и неостварени љубови, идеали, и социјалности, како ефекти и симптоми на меланхолијата, се поставуваат како афективни интензитети со кои се одбива императивот за продуктивноста во национал-капиталистичката машинерија, се комеморираат историите на страдање и насилство избришани од усмереноста кон иднината на хетеронормативната фамилијарност која се репродуцира и одржува присилно до недоглед, и се создаваат јавни светови и контракултури на тажење и визибилизација на неизговорливите и невидливите загуби.
Истовремено, целта на изложбата е да понуди линии на мобилизација на овие емоционални комплекси во насока на изместување и прекин на хабитуираните и нормализирани модели на споделени групни емоции, и преку театрализација и ре-перформирање на срамните искуства, желби, задоволства, емоции, релации и тела, да се преиспитаат и растетерават стерилизираните нормативи и морализаторски рамки на човековата интелегибилност.
„Уметноста на неуспехот: афективни странци“ ја преиспитува човековата ранливост, неизвесност и изложеност како можни основи за нови разбирања на тоа што не дефинира како луѓе и кои се нашите споделени услови врз основа на кои сме поврзани со другите и преку кои ја замислуваме и градиме заедницата вон насилните тоталитарни, хомогенизирачки и есенцијалистички политички и етички модели. На тој начин, изложбата го поставува прашањето за можноста за градење на алијанси и коалиции на отпор против различните модели на нееднаквост и експлоатација оттаде идентитетските рамки, ограничувања и исклучувања, односно врз основа на споделените искуства на срам, неуспех, исклучување, и емоционално ’парализирање’ помеѓу различни општествени локации и групи.
Изложбата ќе биде проследена со публикација во која ке бидат застапени делата на уметниците, како и критичко – есеистички текстови на современи автори од областа на квир теориите. Преводите на некои од најзначајните текстови во областа на родовите и квир теориите уредени во рамки на публикацијата се истовремено и клучни референци за теориската позадина на која се потпира основниот концепт на изложбата, односно афективната квир теорија, квир теории на срамот и меланхолијата и негативните емоции и нивните политички и културни извори и импликации (Даглас Кримп, Дејвид Халперин, Хедер Лав, Џудит Халберстам, Ен Цветковиќ, Сара Ахмед, Ли Еделман, Марина Гржиниќ, Мајкл Ворнер).
На 20 декември ќе се одржи и промоција на зборник/каталог. Изложбата е поддржана од: Фондација отворено општество, Њујорк и Амбасадата на Кралството Холандија.