Македонската уметница Билјана Билбилоска ја отвори самостојната изложба на слики во Белград, во куќата Ѓуре Јакшиќ. На изложбата таа ги претстави своите слики изработени во последните три години, во техника масло и акрил на платно и на картон.
Како што опишува уметницата, сликите водат дијалог со музиката. Музиката се надоврзува на нив како екстензија, а ритамот варира од праволиниски до неправилен.
„Моќта на бојата и силата на колоритот најмногу доаѓа до израз во рамките на ноктуралниот аспект на творештвото на Билбилоска. Затоа што, уметницата ноќта ја гледа низ распрснување на црвен превез врз сината боја на ноќта, а ехото просто ја задушува темнината и мракот со својата мултидимензионална јаркост на боите, кои се слушаат посилно и попродорно и од звукот.
Всушност, способноста звукот да се прикаже во вид на боја, цртеж кој има должина, ширина, висина, длабочина, но и правец, оставаат најголем впечаток кај посматрачот на оваа уметничка порака. Ова станува ракопис на Билбилоска, кој е присутен низ сите нејзини дела, па макар и биле декомпонирани или фрактални – вртлогот на моќта и силата која е во константен труд да излезе од рамките на сликата стануваат фабула на насликаното во сублимација на звукот, боите и движењето“, пишува во својот осврт за изложбата, д-р Александар-Андрија Пејовиќ.
Изложбата ќе биде отворена до 31 јули.