По повод Меѓународниот ден за запирање на насилството врз сексуалните работници, граѓанската Иницијатива за Промоција и унапредување на правата на сексуалните работници СТАР-СТАР, организира изложба „ Sex Work in Art “. Изложбата ќе се одржи на 16 декември, во „Концепт 37“ со почеток во 20 часот, а има цел да ја пренесе пораката „СТОП на насилството:
Тортура не е Култура“.
На изложбата ќе бидат прикажани делата на двајца млади уметници кои својата инспирација ја пронашле во сексуалната работа и сексуалните работници. Ќе бидат презентирани пет труда изработени во техниката масло на платно од уметникот Никола Анѓеловски кои главно се концентрирани кон фигуративната глетка поттикната од фотографии од гламурозните магазини на медиумите за масовна комуникација.
Своите дела „Спинтрии” на тема сексуална работа ќе ги претстави и авторката Симона Манчева која ја прикажува историјата на сексуалната работа, а која во минатото се наплатувала со посебни монети спинтрии кои најчесто биле изработувани од бронза или месинг, додека таа денес ги изработува од калај.