Вечерва во Музејот на Град Скопје ќе биде отворена изложба на сите проекти со кои земјава учествуваше на Венециското биенале на архитектура. На изложбата насловена „Република Македонија на Венециско биенале за архитектура 2004-2012“ за првпат на едно место ќе бидат прикажани петте проекти претставени на престижната манифстација каде на секои две години се презентираат архитектонски трудови од целиот свет.
Во 2004 година Македонија го претстави проектот „Метаморфоза: од хипер тело до инверзна перспектива“, две години подоцна „Град на можни светови“ кога стручното жири му додели Специјално признание на македонскиот павилјон, во 2008 беше изложено делото „Метамак отсечоци“, во 2010 „Учење архитектура“ и пред две години „Архитектура во огледало: секојдневно и возвишено“.
Комесар на петте учества беше Фросина Зафировска од Музејот на Град Скопје, а куратори беа: Влатко П. Коробар (2004, 2008), Минас Бакалчев и Митко Хаџи Пуља (2006, 2008, 2010) и Александар Радевски и Саша Тасиќ (2012). Како автори на проектите учествуваа над 30 професори и архитекти и 101 студент на прва година на Архитектонски факултет (2009/2010) за учеството во 2010 година.
Одделните изложби ќе бидат надополнети со фотографски и видеоматеријал, на кои е прикажан процесот на реализацијата на изложбите од почетната идеја до конечната реализација во Венеција. Изложбата ќе трае до 6 април.