Во музејот Кунстал во холандскиот град Ротердам е отворена изложба која го прикажува историјатот на дизајнот на женските чевли од 1900 година до денес.
Изложбата под наслов S.H.O.E.S прикажува повеќе од 500 чифта чевли, креирани од познати дизајнери како André Perugia, Salvatore Ferragamo, Manolo Blahnik или Christian Louboutin, како и други современи дизајнери и ѕвезди во полет.
Изложените чевли се „вистински и фино обликувани уметнички дела” се истакнува во најавата на изложбата на музејот. Изложени се предмети од викторијански чизмички до заводливи сандали, од високи потпетици до футуристички модели.
Изложбата ја прикажува историјата на експериментите со чевлите, од различните облици преку материјалите до боите. Меѓу експонатите се и првите „платформи” кои Ferragamo ги креирал во 1938 година за Judy Garland, како и потпетиците„стилето“ кои ги лансирал Roger Vivier во 1954 година.