На 23 мај, среда, во 19 часот, во Музејот на Македонија ќе се отвори изложбата „За животните и луѓето“ од Етнографскиот музеј во Загреб. Изложбата ќе биде поставена до 7 септември 2018 година.
Од музејот информираат дека оваа исклучителна изложба научно и стручно ја тематизира интеракцијата на животинскиот свет со човекот во културолошка и општествена смисла.
„Авторскиот тим на изложбата преку изложените музејски експонати, текстови, фотографии и документарни филмови ни ја претставува слоевитоста на меѓусебните односи помеѓу луѓето и животните и ги следи промените на овие односи со текот на времето и на глобално и на локално ниво во руралните и урбаните средини. На еден иновативен начин се прикажани промените во опкружувањето на човекот и соживотот со другите суштества, промовирајќи ги клучните вредности како што се толеранцијата, емпатијата, правата на другите и хуманиот карактер на просторот во кој човекот мора да опстојува во рамнотежа со другите суштества во еколошки сочуваниот простор за така да може да ја обезбеди и својата иднина“, соопштуваат од музејот.
Според музејот, „За животните и луѓето“ освен стручната јавност и луѓето професионално ангажирани околу животните, ќе биде исклучително интересна и за пошироката публика.
„Ќе го задоволи љубопитството на децата и возрасните, ќе понуди информации за љубителите на животни и борците за заштита на правата на животните и ќе не’ поттикне да ја сфатиме важноста на взаемната зависност помеѓу луѓето и животните“, велат од музејот.