Изложбата „Еден од нас“ на Иван Ивановски отворена во Лингнан Музејот во Кина

Изложбата „One of Us“ (Еден од нас) на македонскиот уметник Иван Ивановски е моментално отворена и може да се посети во Меморијалната сала и изложбениот излог на Музејот за сликарство на школата Лингнан, Академија за фини уметности (GAFA) во Гуанџоу, Кина, во периодот од 5 април до 5 мај.

„Еден од нас Една фигура се издвојува од останатите – фокусна точка, аномалија. Се поставува прашањето: Дали е ова еден од нас? Или еден од нив? Кои сме ние? Кој е тој? Кој сум јас? Самосвеста води до диференцијација, процес на индивидуација, изолација во адолесценција и реинтеграција во зрелоста“, стои во објаснувањето за изложбата.

„Еден од нас“ е интерпретација на вклучувањето и одвојувањето, постојаното редефинирање на себе во однос на другите, поставува прашања за идентитетот и припадноста. Силуетата е мотив што се повторува, визуелна и концептуална нишка која ги поврзува различните дела.

„Отсуството на специфики му дозволува му на гледачот да ги проектира сопствените значења и наративи на фигурата. Делата зборуваат за перцепцијата на поединците во еден колектив, како може да се биде и дел од толпата и одвоен од неа. Силуетата претставува парадокс: присуство и отсуство, од анонимен, занемарен или избришан, до функционален и интегриран ентитет. Силуетата е симбол на секого, а со тоа, ја истакнува тенката линија помеѓу личниот и колективниот идентитет“, се вели во текстот што ја придружува изложбата.

„Еден од нас“ е дел од проектот „In Between“ кој ќе биде изложен во Музејот на уметност „Сан Та“ во Гуанџоу, Кина во ноември 2025 година.